Скопје

Скопје треба да се чисти постојано, а не само со “акции”

Скопје треба да се чисти постојано, а не само со “акции”

Изминатиов период се реализираат големи сезонски акции за чистење на ѓубрето во општините, се планираат активности со чистење за одбележување на Светскиот ден на чистењето, 15 септември. Сето ова е според одредени планови и програми или можеби поради зачестеното присуство на високи европски претставници, но не е важно, бидејќи поважно од сѐ е да нема ѓубре. А отпадот може и треба да се чисти секојдневно, а не само со акции. Секако потребно е и да се внимава на исчистеното.

Скопјани забележуваат дека некои делови од градот веќе изгледаат почисто и поубаво што значи дека со поголем труд и напор нашиот град може да биде почист, а за него многу можат да направат и граѓаните. Едноставно треба да внимаваат да не оставаат отпад зад себе. Ако сега некои делови на градот изгледаат не чисто и уредно туку почисто и малку поуредно се поставува прашањето, ако навистина може да се постигне повеќе зошто не се прави тоа постојано, секојдневно. Дали можеби е потребен ангажман на повеќе сезонски работници, ако веќе недостигаат комунални работници поради големиот обем на работа? Можеби се потребни инспекциски контроли или казни за оние што го кршат комуналниот ред. А засилени инспекциски контроли веќе најави и скопскиот градоначалник.

Од градот Скопје велат дека исто како и инспекциските органи на државната управа и општините имаат законска обврска да ги санкционира сите правни и физички лица што ги нарушуваат комуналниот ред, здравата животна средина и јавната чистота. Поточно дека постојано работат во согласност со претходно утврдени план без разлика на моменталните акции што се спроведуваат, а за потврда на она што го прават нѐ упатија да ја провериме нивната фејсбук-страница.

– Активностите се утврдени со програма, донесена од советот на градот Скопје и финансиски е поддржана со средства од буџетот. Задолжени за реализација се јавните претпријатија, во прв ред „Комунална хигиена“, но и за другите има улога и место во подигањето на квалитативното ниво на хигиенски услови за живеење. Инспекциските органи на градот Скопје системски ги применуваат мерките за следење на состојбите и секаде кај што ќе се идентификува сторител на прекршок се санкционира по законските основи пропишани за нарушувањето на комуналниот ред. Мерките за казнување се спроведуваат комбинирано и се работи паралелно на издигнувањето на јавната свест и инкорпорирањето на граѓаните во работите на инспекторатот при ефикасното идентификување на нарушувањето на комуналната и еколошката безбедност на животната средина – објаснуваат од градот Скопје.

Оттаму додаваат дека покрај проширувањето на контролниот механизам, инспекторатот сопствениот фејсбук-профил, го користи како уште една напредна форма за подобрување на комуникацијата со граѓаните и поефикасно справување со јавната хигиена и загадувањето на воздухот, но и генерално со заштитата на животната средина.

– Одржувањето на јавната хигиена мора да претставува стандард што е во функција на заштита на здравјето на граѓаните, комуналниот ред и на крајот на естетскиот изглед на метрополата. Значи, независно од посетите на странските великодостојници, градот мора да се издигне на повисоко хигиенско ниво на што се работи – децидни се од градот Скопје.

Ги прашавме во градот колку казни имаат изречено за нарушување на комуналниот ред за претходниот и за сегашниот месец, за жал, не добивме одговор.

Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ зборуваат за спроведување редовни акции за генерално чистење по скопските општини, кои се изведуваат во координација со градот Скопје и другите јавни претпријатија.

– Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ без оглед на организираните акции секојдне­­­вно се ангажирани на терен, во согласност со програмата и планот за рабо­­та. Садовите за отпад од колективните домаќинства се празнат седум пати во неделата, додека кантите наменети за индивидуалните домаќинства се празнат двапати неделно, според одна­­­пред утврдената динамика. Во рамките на акциите се ангажирани и сезонски работници. Во текот на летниот период, бројот на граѓани што одработувале општествено-корисна работа во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје е значително намален – велат од „Комунална хигиена“.

Тоа можеби и не значи дека се малку оние што фрлаат ѓубре каде што ќе стигнат и можеби се бројат на прсти оние што одбрале да одработат, наместо да платат.
Ги прашавме колку и дали имаат ангажирано сезонски работници за моменталната акција за чистење на градот, но не ни одговорија.

Од друга страна, пак, од општината Центар во периодов бараат сезонски работници, а се почна голема акција, која се спроведуваше во општината Гази Баба во која беа вклучени повеќе од 200 работници што чистеа диви депонии, паркови, улици и тротоари. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов изјави дека инспекторите за животна средина, комуналните инспектори и комуналните редари извршуваат засилени контроли на терен. И дека веќе се изречени две казни за недозволено палење кабли и пластика и една казна за оставање градежен шут на јавна површина.

– Апелирам до сите граѓани да ги пријавуваат сите незаконски дејства бидејќи, ако сакаме да ни биде почист градот, секој од нас треба да покаже повисок степен на грижа за хигиената во средината каде што живее – рече Шилегов.

Граѓаните забележуваат дека градот изгледа малку почисто. Локалните власти вложуваат напори за да се овозможи и зголеми хигиената што значи главниот град може да биде почист, но далеку е од она што се нарекува чист град. Хигиената треба да се одржува постојано, секојдневно, но секако таа не треба да се постигнува само со редовни или сезонски акции или поради зачестено присуство на европски гости. А за да биде Скопје чисто, треба и редовно системски да се чисти, но и да се внимава каде треба да се фрла отпадот.