Скопје 02. јули 2020. / 10:55

Скопје има 2.049 активни заразени – Чаир со 454 случаи и натаму е најкритична општина

Скопје има 2.049 активни заразени – Чаир со 454 случаи и натаму е најкритична општина

Со новите 120 заразени со Ковид-19 потврдени во 954 тестирања извршени во текот на минатото деноноќие, вкупниот број заболени од почетокот на епидемијата во земјава достигна 6.454 од вкупно 61.727 направени тестови.

Над половината од новите случаи (64) се од Скопје, а 14 од Тетово. Останатите заразени со вирусот од вчерашниот билтен на Министерството за здравство се од 12 други општини каде што бројот на нови случаи е помалку од 10.

Во истиот период починаа и четворица пациенти на возраст од 51, 56, 58 и 67 години. Со овие нови случаивкупно се починати 306 пациенти. Активни случаи се 3.550, а од нив 2.049 се во главниот град. Трицифрени активни случаи има во Тетово (394), Куманово (211), Штип (160), Охрид (150) и Струга (140).

Се зголемува бројот на заразени и во општина Дебар која беше прво жариште на болеста. Во минатото деноноќие се потврдени уште четворица новозаразени со што вкупниот број на дијагностицирани на Ковид-19 се зголеми на 96. Од нив 45 се од вториот бран на пандемијата, која се врати по педесет дена, на 5 јуни. Карактеристично е што сега заболените се млади лица.

Нов кластер има и во Куманово, каде што во вчерашниот билтен беа регистрирани четворица новозаразени. Од почетокот на епидемијата во оваа општина се дијагностицирани 760, а активни се 211 случаи.

Во Штип, пак, која е четврта општина по бројот на активни случаи (160), вчера е дијагностициран вработен во затворот но, според управата, нема опасност за ширење на коронавирусот меѓу осудениците. Заразените во Штип се од познатите фабрички кластери и членови на нивни семејства.

Осум џамии во Кичево ќе бидат привремено затворени затоа што активни се 25 случаи, а меѓу нив и имамот на една градска џамија. Кичевскиот муфтија изјави дека ќе бидат затворени до утре кога ќе има петочна молитва со строго почитување на здравствените препораки.

Меѓу скопските општини, Чаир и натаму е со најмногу активни случаи (454), а следуваат Гази Баба со 185, Бутел – 173, Карпош – 170, Аеродром – 166, Сарај – 163, Центар – 152, Кисела Вода – 119 и Ѓорче Петров – 118, а во поширокиот скопски регион најмногу активни има во Студеничани (111).