Скопје 28. октомври 2020. / 18:14

Скопјани се гушат – Концентрациите на штетни честички повеќе од трипати над дозволената граница

Скопјани се гушат –  Концентрациите на штетни честички повеќе од трипати над дозволената граница

Аерозагадувањето е највисоко во текот на вечерите и во ноќните часови,  покажуваат графиконите на Министерството за животна средина.  Во нив се гледа дека по 17 часот се зголемуваат концентрациите во воздухот.

Во текот на денот концентрациите на штетни честички се повеќе од три пати над дозволената граница во Аеродром, Гази Баба, Центар и Карпош. Мерната станица во Лисиче регистрирала најголемо загадување во периодот од 18 до 3 часот по полноќ.

Од Владата велат дека се преземаат сите мерки  и согласно планот тие се веќе реализирани, а се правдаат дека затоплувањето на домаќинствата е најголем проблем и тврдат дека мерките против загадувањето не се стопирани туку напротив биле целосно реализирани.

Министерот за животна средина Насер Нуредини вели ниту инвертер климите не се решение бидејќи за нив се користи струја која доаѓа од централата во Битола која е една од најголемите загадувачи бидејќи користи јаглен.

„Треба да размислиме од каде доаѓа електричната енергија, бидејќи инвертерите користат електрична енергија, тие се секако поефикасни, но исто така треба да разгледаме колку енергија генерира централата во Битола, бидејќи централата во Битола користи јаглен, еден од најголемите загадувачи на нашата земја“, рече Нуредини во „10 минути“ на ТВ21.

Граѓаните на социјалните мрежи постојано алармираат за состојбата со аерозагаденоста.

Само во Скопје отровните ПМ10 честички, секоја вечер се неколкупати над дозволеното. Во изминатото деноноќие најкритично беше во Центар, Гази Баба, Карпош и Лисиче.

Прекумерно загадување имало и во Кичево, Тетово, Гостивар, Велес, Кавадарци и во Куманово.

Високи концентрации на ПМ10 честичките на метар кубен, се регистрирани и во Кичево, Тетово, Гостивар, Велес, Кавадарци и во Куманово и речиси секаде ги надминуваат дозволените 50 микрограми.