Град Скопје денеска најави почеток на реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов рече дека објектот ќе се реконструира во постојниот изглед и габарит и очекува градежните работи да почнат во мај.
– Универзална беше, е и очигледно останува омилена културна институција на многумина скопјани. За мене тоа е доволна причина и мотив за повторно отворање на нејзините врати. Ќе биде реконструирана во постојниот габарит задржувајќи го својот автентичен изглед. Наш приоритет е да ја отвориме оваа сала во нејзиниот полн капацитет во текот на оваа година. На 8 март ќе ја примиме донацијата на изведбениот проект, со што ќе има услови за распишување на тендерската постапка и во текот на мај очекувам да почнат градежните активности, рече Шилегов.
Архитектот Бујар Муча од архитектонското биро „Мегарон“ објасни дека реконструкцијата ќе биде во две фази во првиот дел ќе се опфати надворешната реконструкција на Универзалната сала, а во втората фаза ќе биде внатрешното уредување. Меѓудругото, ќе има и намалување на бројот на седишта, а според планот капацитетот би бил од 1 100 до 1 200 седишта.
Од буџетот се издвоени 120 милиони денари.
– Универзална сала во времето кога е изградена ја пренесе пораката во постземјотресно Скопје дека животот мора да продолжи. Денес, во услови на пандемијата, која започнуваме со нејзината обнова, Универзална сала повторно ја носи истата порака дека животот мора да продолжи. Уште еднаш солидарноста доаѓа до израз. Архитектот Муча и неговото архитектонско биро го отстапија идејниот проект за реконструкција на Универзална сала како донација. Откако ќе заврши тендерот за изведувачките работи, се предвидува почеток на реконструкцијата во мај. Гласот на граѓаните е слушнат и прифатен, рече Заев.