Граѓанските активисти остануваат на ставот дека се против изградба на гасоводот низ парк-шумата Водно. Тие порачуваат дека не можат со чиста совест да се согласат со каква било траса којашто би поминала низ Водно. Во заедничко соопштение активистите велат дека се разочарани од тоа што и покрај утврдувањето на фактичката состојба на терен, Владата сè уште останува на ставот дека Водно треба да биде колатералната штета за спроведувањето на магистралниот гасовод.
Позицијата во која е сега оваа Влада во однос на изградбата на гасоводот, велат активистите, е јасна. „Владата треба да ја преземе одговорноста за лошите проекти на нивните претходници, тежината на нереализираниот кредит, последиците за кредитниот рејтинг и пресијата на временскиот фактор. Воедно, никако не дозволуваме Водно да биде жртва на овие притисоци“, порачуваат активистите.
Според нив, неколкугодишно одложување на делот од магистралниот гасовод за да минува надвор од Водно не значи никако дека домаќинствата кои се греат на дрва ќе можеле да преминат на гас во тој период.
„Магистрален гасовод е како една голема артерија која не носи крв до секоја клетка, односно до секое домаќинство. За тоа е потребна голема мрежа на крвни садови и капилари, како што е секундарната и терцијарната гасоводна мрежа која ја нема и ќе ја нема во догледно време во ниту еден град од оваа делница. Па Скопје има магистрален гасовод повеќе од 20 години, а ние сè уште говориме за гасификација на Скопје и сè уште околу 45% од домаќинствата се загреваат со дрва и се водат како еден од главните причинители за загадување на воздухот. Одложувањето на изградбата на овој дел од магистралниот гасовод не е ни од далеку доволно оправдание за да се уништи нешто што е од непроценлива важност и е создавано со децении, со голема мака, труд и вложени средства“, се вели во заедничкото соопштение.
Активистите велат дека по разгледување на трасата низ Водно, се покажале основани тврдењата на граѓанските активисти за нејзината должина и импакт, наспроти мислењето базирано на информации кои им биле пласирани на вицепремиерот Кочо Анѓушев и претставници на МЕР.
Граѓанските иницијативи и здружениија кои стојат позади оваа реакција се: Go Sakam Vodno / Го Сакам Водно, О2 Коалиција за чист воздух, Стоп на загадувањето, @Спас за водно, Зелено Тафталиџе, @Екокарпош 3,2,1, Ние сме Карпош 4, ФРОНТ 21/42, Oxygen Mountain Bike Club (МТБ Оксижен), I love hiking – group Macedonia, Go Green – Биди зелен, Green Power, Skopje Smog Alarm, Билка – Bilka, Плоштад Слобода – Freedom Square, Eko-svest, Сакаме Аеродром да дише.