Продолжуваат актвиностите за чистење на коритото на реката Вардар, информираат од Град Скопје. Чистењето, како што информираат од Град Скопје, го спроведуваат нивни екипи заедно со екипи од ЈП „Улици и патишта“.
„На потегот од булеварот 8 Септември до мостот Гоце Делчев, од двете страни на реката, деновиве машински се коси ниската и високата вегетација, а се отстранува и наталожената тиња и песокот од коритото на Вардар“, стои во соопштението на Град Скопје.
Како дел од овие активности се чистат и камењата на косините, како и фугите меѓу камењата, а таму каде што има потреба, фугите се затвораат со цементен малтер, се додава во нивното соопштение.
Чистењето и уредувањето на кејот на реката Вардар ќе продолжи и во наредниот период, а во акцијата се вклучени и јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“.