Пред Основниот суд во Скопје, со почеток во 13 часот, денеска ќе се одржи протест „Правда за жртвите од Смилковско езеро”. Повикот е објавен на социјалните мрежи.
„Никогаш заборавени. Правда за Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Тричковски и Борче Стевковски”, се вели во повикот.
12.04.2012, Велики четврток, Смилковско езеро. На оваа дата и место, пред точно 6 години свирепо беа убиени Филип Славковски (18), Александар Наќевски (18), Цветанчо Ацевски (18) и Кире Тричковски (20) од Радишани и Борче Стевковски (45) од Црешево.
Ова грозоморно петкратно убиство ја зави Македонија во црно.
На местото каде тогаш беа убиени Филип, Александар, Цветанчо, Кире и Борче, денес има изградено црква „Светите Четириесет Маченици- Младенци” и два обелиска кои вечно ќе го означуваат споменот за сите петмина, но и ќе сведочат за масакрот кај Смилковско езеро.
Обдукцијата врз убиените покажала дека во нив е пукано од три типа огнено оружје, за што се најдени и чаури од три различни типа муниција, што наведува дека имало повеќе од еден извршител на чинот.
За петкратното убиство во овој случај кој беше наречен „Мострум”, доживотна казна затвор им беше изречена на Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтообвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда поради немање цврсти докази за утврдување вина.
Случајот „Монструм”, доби целосен пресврт
Врховниот суд во ноември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.
На 19 февруари годинава судењето кое еднаш заврши со доживотни казни за обвинетите се отвори одново пред нови судии.
На 21 март годинава предметот отиде во рацете на Специјалното јавно обвинителство, а судењето за убиството од пред шест години повторно стартува од почеток пред нови обвинители на 17 април годинава.
Инаку, по одлуката целиот случај да се врати од почеток кај семејствата на убиените момчиња кај Смилковско Езеро имаше шок и неверување.
Родителите побараа од судот да сведочи и премиерот Зоран Заев, за кој тврдат дека им пуштал снимени разговори на еден од обвинетите со функционерот од ДУИ, Невзат Бејта.