Скопје 04. септември 2018. / 20:31

ОУ Гоце Делчев не држи настава поради градежни работи

ОУ Гоце Делчев не држи настава поради градежни работи

Околу 500 ученици од основното училиште Геце Делчев во општина Центар, наместо во училишните клупи, седат дома. За нив стартот на учебната година е одложен поради градежни активности на училишната зграда. Наместо детски џагор во дворот затекнавме работници на скелиња кои ја средуваа фасадата.

Надвор од објектот имаше и ученици кои си играа наместо да учат како и сите нивни врсници. Им кажале дека цела недела нема да имаат настава.

– Ни кажаа ќе работиме во сабота. Тогаш ќе одработуваме. Што ќе правите цела недела…на компјутер, игри…

Одлуката дека нема да има настава, од ушилиштето ја соопштиле вчера преку нивната фејсбук страна. Тоа предизвика револт кај родители кои на социјалните мрежи коментираат зошто цела година се реконструира училиштето и што правеле за време на летниот период.

Слободно може да се прогласите за едно од најнеорганизираните училишта во градот. На 03.09. на пладне соопштувате дека редовната настава е одложена заради градежни активности. Сериозни ли сте? На децата што да им кажеме, пишува една мајка.

Директорката на училиштето беше недостапна за медиумите а од општина Центар под чија надлежност е објектот се правдаат дека поради неочекувано одложувањ ена градежните активности, наставата ќе почне на 10ти септември.

Се работи за неотстрането градежно скеле од едната страна на училиштето. Во училиштниот двор се уште има остатоци од градежните материјални, се сервисира приодот кон кујната и се расчистуваат училниците кои се реконструираа. Пропуштените часови од почетокот на учебната година ќе се надокнадат во договор со одделенските и предметните наставници во текот на годината, соопштина од општината.

Од Министерството за образование биле информирани од општина Центар и државниот санитарен инспекторат за одложениот почеток на наставата поради санација на училиштето.

Но вчера на првиот училишен ден, училиштето беше отворено за приемот на првачињата кои училишното звоно го слушнаа покрај градежните машини.

Училиштето Гоце Делчев не е единственото училиште кое ги затвори вратите за учениците поради негово реновирање. Родители коментираат дека и во други скопски училишта на една недела пред почетокот на учебната година почнале градежни активности на училишни згради а во градови од внатрешноста поради реконструкција, наставници настава држат во природа.

Пропуштените часови учениците ќе ги одработуваат во сабнотите.