Скопје 01. август 2019. / 16:04

Општина Карпош: Немаме никаква поврзаност со рекетот

Општина Карпош: Немаме никаква поврзаност со рекетот

Општина Карпош преку соопштение се оградува од каква било врска со случајот „Рекет“.

Во име на транспарентноста и отворената комуникација што Општина Карпош ја води со граѓаните, по низата шпекулации и лажни вести што се проширија, должни сме пред севкупната јавност да ги посочиме следните факти:
Општина Карпош и градоначалникот Стефан Богоев не се вклучени во никакви незаконски активности во врска со случајот ‘Рекет’. Во Општина Карпош не е отворен ниту еден предмет, а не е издадено ни одобрение за градење ни каков било друг правен акт во врска со споменатиот случај, велат од Општината.

Додаваат дека локалната самоуправа има склучено меморандуми со голем број невладини организации, а тој што е склучен со Меѓународниот сојуз, единствено се однесува на давање поддршка за реализација на разни социо-економски активности и третирања локални прашања.

Тој по својата содржина е општ, без никакви финансиски последици за Општината или конкретни други обврски. Врз основа на овој меморандум не е реализиран ниту еден проект или некоја активност со Меѓународниот сојуз.
Што се однесува до финансирањето на изборната кампања на градоначалникот Стефан Богоев, веќе е посочено дека сите плаќања се извршени преку наменската сметка за локалните избори 2017, на партијата СДСМ и коалицијата што го поддржа Богоев. Во ниту една програма на Општина Карпош ниту, пак, во изборната програма на градоначалникот Стефан Богоев, не постои проект ‘Карпош на вода’. Во оваа насока не е донесен или изменет ниту еден ДУП, што е достапно и видливо и на нашата веб-страница. Во интерес на отчетноста пред граѓаните ги повикуваме сите заинтересирани страни, вклучително и пратеникот Антонијо Милошоски, да дојдат во Општината и да се уверат во сите посочени факти, велат од Опшината.