Скопје 22. јануари 2021. / 16:59

Општина Аеродром ќе прави голф терени во село Лисиче вредни 2, 5 милиони евра

Општина Аеродром ќе прави голф терени во село Лисиче вредни 2, 5 милиони евра

Во селото Лисиче, ќе се прават голф терени, кои ќе бидат дел од проектот „Аеродром прва општина со европско знаменце“. Терените ќе се протегаат на површина од 15 хектари, а за нивна изградба се потребни 2,5 милиони евра, пренесува СДК.

Од Општината најавиле дека проектот ќе биде реализиран за две години.

„Успеавме да пронајдеме соодветен простор односно земјиште кое досега се користело како дива депонија. Овој простор е соодветен за вакви терени. Просторот ќе го зазелениме, нема да има шанси во иднина да прерасне во градежна парцела за објекти, а воедно и ќе го уредиме и ќе го развиеме овој спорт“, вели Александар Георгиевски, шеф на кабинет на градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин, пренесува СДК.

Дел од средствата за овој проект како што објаснува Георгиевски ќе се обезбедат преку Европската унија преку грант за рурален туризам, а другиот дел ќе го бараат од домашни компании.

Со терените ќе стопанисува Општината односно јавното претпријатие за развојни проекти од локално значење, кое ќе биде прво од ваков тип кај нас.