Скопје 24. декември 2020. / 12:48

ОКТА донацираше 3.000 серолошки тестови за Клиниката за инфективни болести во Скопје

ОКТА донацираше 3.000 серолошки тестови за Клиниката за инфективни болести во Скопје

Компанијата ОКТА донацираше 3.000 серолошки тестови за Клиниката за инфективни болести во Скопје, како поддршка на борбата против коронавирусот.

Донацијата, како што информира компанијата, се состои од по 1.500 тестови за испитување на антителата IgG и IgM за Ковид-19, кои соодветствуваат на опремата и Абот апаратот за анализа со кој располага Клиниката.

– ОКТА како компанија е свесна дека поддршката од бизнис заедницата е неопходна и токму затоа изминатава година нашите активности беа насочени во напорите за справувањето со корона вирусот. Имајќи ја предвид епидемиолошката состојба во државата, во соработка со Министерството за здравство, беше одлучено дека во моментов има најголема потреба од донација на серолошки тестови наменети за Инфективната клиника, како здравствена институција која носи најголем товар од почетокот на оваа криза, изјави главниот извршен директор на ОКТА, Вук Радовиќ.

Од почетокот на пандемијата на Ковид-19, ОКТА во повеќе наврати преку разни донации ги поддржа јавните институции. Компанијата во април донираше вредна медицинска опрема на Клиниката за инфективни болести, додека во октомври го поддржа образовниот процес во Општина Илинден преку донација на лаптопи и заштитни маски, се додава во соопштението.