Огнен Узуновски Оги, сопственик на клубот „Сектор“ кој синоќа беше приведен во локалот, на социјалната мрежа „Фејсбук“ објасни што се случувало ноќеска во Градскиот парк. Тој тврди дека „спектакуларно“ бил уапсен затоа што пуштил музика, иако полицијата побарала таа да биде изгасната во дискотеката Сектор 909.
„Вчера околу 2 часот по полноќ во Сектор 909 влегоа, полицајци, алфи, специјалци (наоружани сериозно),инспекции (сите можни).Не тераа да изгасиме музика за да направеле проверка, само 5 минути ми викаа (јас не се согласив) зошто тоа е исто како на концерт да дојдат кај Тамара на пример и да речат нека престане да пее проверка да напрајме, па нека продужи. Едниот од униформираните полицајци дрско влезе во Dj -кабина и почна кабли да влече да прекине музика, дечките прекинаа, тој им зема лични карти и ги запишуваше со изгасната музика пред полн подиум. Јас на тоа не можев да ќутам и пуштив музика, одма после тоа бев уапсен (спектакуларно) пред цела публика, за да ме уапсат кажа една од инспекторките (не се појави у станица). Следело претресување и тормозење гости и бркање еден по еден надвор од диското,забавата е прекината. Јас сум институциите да прават контроли и да бркаат криминал али НИКАКО на ваков начин. Мора да се идентификува „човекот” што дал наредба контролата да се одвива на тој (малограѓански начин), ова е срам за полицијата а нај голем СРАМ за нашата земја Македонија. Ако од овој случај не излезе правдата, јас Огнен Узуновски ќе почнам со нови протести,поинакви од минатите, убеден сум дека ќе ме следат голем број културни млади луѓе на кои им е преку глава од вакви угнетувања од страна на институциите вклучувајќи ги мвр.Не можете да ја победите љубовта“, пишува тој.
Тој во дополнителната објава на Фејсбук, додава дека односот на инспекциите најдобро го илустрира политичкиот прогон врз угостителите. „Како што знаете, најголемиот процент од компаниите во овие дејности се микро или мали претпријатија и економскиот товар врз нас е неиздржлив. Постојано сме етикетирани дека припаѓаме на оваа или онаа партија, и во зависност од тоа кој ја има моќта, така и ние сме таргетирани. Од друга страна, секогаш кога буџетот е послаб, ние сме првиот таргет на сите инспекции и се очекува од казни врз кафеани, кафулиња, локални продавници, фризери и бербери да се полни буџетот. Ние немаме моќ како големите компании да финансираме избори, да корумпираме и да учествуваме на милионски тендери, па затоа како слаби и необединети сме најчестите жртви на селективната и погрешна казнена политика. Бараме драстично намалување на казните и ревидирање на улогата на инспекцијата во овие процеси“, вели тој.
Узуновски истовремено бара да престане и злоупотребата на полицијата за инспекциски контроли. „Само во Македонија сопствениците, вработените и гостите можат да бидат вознемирувани од цели единици инспекции во придружба со полиција, без налог од суд, како да сме терористи“, додава тој.
Полицијата информираше дека синоќа била извршена контрола во седум угостителски објекти во близина на Градскиот парк во Скопје, при што биле легитимирани 21 лице, а приведени се три лица.