Скопје 25. февруари 2020. / 15:19

Одбележани 76 години од загинувањето на народниот херој, Кузман Јосифовски – Питу

Одбележани 76 години од загинувањето на народниот херој, Кузман Јосифовски – Питу

Пред спомен обележјето во Козле,  денеска се одбележаа 76 години од загинувањето на народниот херој Кузман Јосифовски – Питу. Во присуство на претставници од Сојузот на борци, здруженија на пензионери, политички партии и граѓански организации, се чествуваше овој ден кој не потсетува на периодот на Народноослободителната борба (НОБ) како еден од најсветлите периоди од нашата историја.

Главен покровител на настанот е Општина Карпош, а пред присутните се обрати и градоначалникот Стефан Богоев.

Драго ми е што за делото на Кузман се изучува постојано. Затоа што патриотизам е да се сеќаваш и да го вреднуваш минатото, но и да одиш напред. Ако народните херои се бореле за наша слобода и независност, денеска, нашиот влог е во развивањето и напредокот на државата, а за нас денес тоа е Северна Македонија како членка на НАТО и на Европската унија и младина која добива шанса за просперитет тука, во сопствената држава. Тоа се генерациите кои ќе се карактеризираат со космополитски дух и отвореност, а нема да тонат во сиромаштија и популизам – изјави Богоев.

Пред граѓаните говореше и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева. Таа се осврна на животот на Кузман, кажувајќи дека иако живеел само 29 години, со својата мисија и делување, оставил аманет за многу сегашни и идни генерации.

Во знак на сеќавање на денешниот ден, делегации од сите институции и организации, положија свежо цвеќе пред спомен обележјето на Кузман Јосифовски – Питу.