Град Скопје ги известува граѓаните дека од среда (22 август), поради изведување градежни активности за изградба на подземната сообраќајница од страна на компанијата „Лимак“, се воведува привремен сообраќаен режим на булеварот Македонија (Јужен булевар, зад Музејот на град Скопје и ТЦ „Рамстор“).
„Поради градежни работи, ќе се извршат и промени во трасите на автобусите на јавниот превоз кои се движат по оваа сообраќајница. Така, трасата на движење на автобуската линија бр. 9, во насока од Клиничкиот центар кон Скопје Север, е променета на тој начин што на крстосницата меѓу улицата Јордан Мијалков (поранешна Железничка) и улицата Герман автобусите нема да вртат лево кон булеварот Македонија. Автобусите ќе продолжат да се движат право и подоцна ќе се приклучат кон булеварот Македонија преку привремена улица пред натпатникот на улицата Павел Шатев, при што ќе продолжат да се движат по постојната траса на линијата бр. 9“, информираат градските власти.
Оттаму додаваат дека во согласност со овие промени автобуското стојалиште на булеварот Македонија, кое е во непосредна близина на катната гаража (наспроти седиштето на „Макпетрол“) привремено ќе се премести на улицата Јордан Мијалков, по пешачкиот премин кој води до „Урбан парк“.