Скопје 15. јануари 2021. / 13:03

Нови 14 ковид-пациенти хоспитализирани во Скопје

Нови 14 ковид-пациенти хоспитализирани во Скопје

Во изминатите 24 часа, во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 14 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 300 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и голем дел од нив се на кислородна поддршка, информираат од Министерство за здравство.

Во последното деноноќие, на интерните клиники немало приеми. Додека, пак, во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало седум нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника шест. Во изминатите 24 часа, исто така, дома се пуштени 19 оздравени пациенти.

Во моментов, велат од Министерството за здравство, на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 16 пациенти, на Клиниката за неврологија 19 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 17 пациенти со симтоми на корона вирусот, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 12 пациенти, на Клиниката за очни болести шест пациенти, а на ОРЛ 16 болни. На Клиниката за Гастроентерохепатологија лежат 22 пациенти. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 95 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 77 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 20 пациенти.

Според Министерството за здравство, бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 146 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Тие воедно потсетуваат дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.