Наредната година ќе започне изградбата на Пречистителна станица за отпадни води-Скопје која ќе се простира на површина од 13 хектари, во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар во областа Трубарево, информираат од ЈП Водовод и канализација-Скопје.
Проектот е во реализација на ЈП Водовод и Канализација-Скопје во соработка со Град Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за финансии, а по целосно комплетирање на изградбата, Пречистителната станица за отпадни води-Скопје (ПСОВ), ќе биде во сопственост и управувана од ЈП Водовод и Канализација-Скопје.
Рализацијата на проектот, според најавата, ќе се одвива во две фази. Првата фаза предвидува обезбедување на пред-третман и биолошки третман на отпадните води до 2030 година, а втората фаза отстранување на азотот и фосфорот од отпадните води што завршуваат во реката Вардар, најдоцна до 2045 година.
Изработката на Физибилити студијата за ПСОВ Скопје е финансирана од Владата на Франција, а македонската Влада на последната седница ги усвои законите за финансирање на проектот и ги проследи до Собранието.
Вкупната вредност на проектот е 136 милиони евра. Од нив 68 милиони евра ќе се обезбедат со кредит од Европската инвестициона банка (ЕИБ), 58 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а 10 милиони евра се грант од ЕИБ за чие одобрување веќе е донесена одлука.
ЈП Водовод и Канализација-Скопје заедно со сите инволвирани страни Град Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за финансии е во постојани преговори за обезбедување и на дополнителни грантови од фондовите на ЕУ, кои ќе бидат дел од проектот.
Инаку, оваа пречистителна станица ќе опслужува над 500.000 жители и е еколошки проект кој ќе овозможи третман на урбаните отпадни води согласно ЕУ стандардите, а ќе делува и на намалување на загадувањето на реката Вардар.