Над 500 децa учествуваа на 12. по ред мини маратон што денеска се одржа во паркот „Авион“ во скопски Аеродром. Оваа година децата трчаа под мотото „Училишта без насилство за секое дете“. Оваа трка од 500 метри се организира пред самиот Виз Ер Скопски маратон како негов предвесник, со цел да се поттикнат најмалите од рана возраст да се впуштат во здравиот начин на живеење. Гости на настанот беа актуелната светска рекордерка во маратон за жени, Пола Редклиф, претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс, и претседателката на советот на Општина Аеродром, Ивана Цветковска.
Детски насмевки ја украсија патеката во Аеродром. Тие беа охрабрувани од нивните родители и најблиски кога започна забавниот натпревар.
Во трката учествуваа ученици од шесто одделение, кои трчаа по кружна патека кај авиончето во должина од 500 метри, со иста позиција за старт и цел, а настанот беше збогатен со музичка програма пред и по завршувањето на спортскиот дел. Трката немаше натпреварувачки карактер и сите учесници добија медали и награди.
-Партнер на Детскиот мини маратон е УНИЦЕФ чиј претставник, Бенџамин Перкс истакна „Со поддршката која им ја даваме на децата да спортуваат, ги учиме кон основните човекови вредности кои ќе ги водат низ животот создавајќи кај нив чувство на тимска игра, самодоверба и пожртвуваност.“
Најмалите оваа година беа изненадени од светската рекордерка Пола Редклиф. Сите беа пресреќни што ја имаа можноста да се запознаат со атлетичар од светски ранг кој додатно ги мотивираше да се впуштат во спортувањето и атлетиката.
-Многу ми е драго што на овој прекрасен ден гледам толку многу среќни деца. Уживајте во овој спорт и продолжете да се борите да сте победници во сѐ што правите, им порача Редклиф на децата.
Пола на Детскиот мини маратон најави дека поради тоа што во Скопје се нашла во прекрасна атмосфера таа спонтано одлучила да настапи на 5 километарската трка на Виз Ер Скопски маратон.
Организаторите на Виз Ер Скопски маратон ги потсетуваат уште еднаш сите оние кои не успеаја да се пријават како натпреварувачи, дека сѐ уште може да учествуваат во ова огромно спортско случување преку повиците за најдобар транспарент и најдобра фотографија. За повеќе информации, прочитајте на: http://skopskimaraton.com.mk/.