Скопје 28. септември 2018. / 18:23

Можно е стартување на грејната сезона во Скопје од 1 октомври

Можно е стартување на грејната сезона во Скопје од 1 октомври

И покрај ниските вечерни и утрински температури скопјани нема шанси да добијат парно греење пред понеделник, велат регулаторите. Ако вонредно грејната сезона почне пред 1 октомври, тоа ќе се одрази на сметките. Граѓаните веќе неколку денови реагираат дека мрзнат, бидејќи промената на температурите кои нагло паднаа околу нулата ги излади и домовите.

„Не може грејната сезона да започне сега, но и во правилникот е наведено први октомври. Не сакаме толку рано да започне сезоната и со невообичаени режими на работа на топланите во Скопје поради непотребно трошење, зашто тоа се одразува на сметките“, вели Марко Бислимоски – претседател на РКЕ

Иако најавите од метеоролозите се дека наредните денови температурите благо ќе се покачуваат, сепак се е спремно од 1 октомври да почне грејната сезона. Условот е ако температурата се спушти под 12 целзиусови степени по 21 часот.

„Според правилата за снабдување со топлинска енергија предвидено е грејната сезона да започне од 15 октомври. Доколку има пад на температурите најрано што може да почне сезоната е први октомври. Доколку продолжат ниските температури под 12 целзиусови степени, грејната сезона ќе започне од први месецов“, вели Марко Бислимоски – претседател на РКЕ

Првиот човек на регулаторна вели дека се спрема нова методологија во која може да се вметне грејната сезона да почнува и пред први октомври, но мора да се видат финансиските импликации. А Балкан Енерџи Груп веќе ги повика граѓаните да ги проверат системите за греење.