Скопје 27. септември 2019. / 15:57

Костов: Имаше само вербален напад во „8-ми Септември“, немаше протест пред мојата канцеларија

Костов: Имаше само вербален напад во „8-ми Септември“, немаше протест пред мојата канцеларија

Членови на семејство на починат пациент синоќа во Градската општа болница „8 Септември“ се расправале со обезбедувањето, дежурната докторка и останатиот медицински персонал во таа јавна здравствена установа, изјави за МИА директорот на таа јавна здравствена установа, Христијан Костов.

Станува збор за 67-годишен пациент примен е вчера околу 14 часот во Ургентен центар во тешка состојба. Пациентот беше сместен на Одделот за интензивна нега со срцева слабост, опериран, со хронична бубрежна слабост… И покрај тоа што бил во тешка состојба дадени се сите можни терапии. Направена е дијагностика и хемодијализа, меѓутоа вечерта околу 23 часот пациентот почина – рече д-р Костов.

Појасни дека семејството околу полноќ било информирано дека пациентот е починат, по што почнала расправија.

Членовите на семејството прво се расправале со луѓето од обезбедувањето, немало физичка пресметка по што обезбедувањето ги испратило до Одделот за интензивна нега и во исто време повикале и полиција. Имале расправија со медицинскиот персонал, со докторката, со друг персонал. Полицијата дошла веднаш и ситуацијата се смирила. Членовите на семејството по националност се Албанци и денеска во утринските часови го земале телото на починатиот – истакна д-р Костов.

Посочи дека денеска вработените во болницата не протестирале пред неговата канцеларија.

Имаше некаква дезинформација дека имало некаков протест изутрината, наводно дошле вработените тука кај мене, ама тоа не е точно. Јас ги повикав тие што беа дежурни да разговараме и да ми кажат што се случило за да имам конкретна слика. Немаше никаков протест на вработените – рече д-р Костов.