Градоначалникот на Градот Скопје, господин Петре Шилегов, иако беше жестоко против, сега се согласува со идејата Скопје да добие панорамско тркало, и да го продолжи проектот оставен од претходно за нов Луна парк, со таа разлика што сега тој ќе ги чини скопјани цели 18 милиони евра. Ова денеска на прес-конференција го изјави екс-градоначалникот на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски.
-Значи 18 милиони евра во споредба со 6 милиони евра колку што чинеше претходниот проект кој повеќе од половина беше завршен. Господинот Шилегов форсира проект кој е за 12 милиони евра поскап, односно да изнесувa 18 милиони евра. Повторувам 12 милиони евра поскап. Патем, веќе се набавени 7 справи уште во 2017 година, кои се држат во магацин и за кои се плаќа за нивно чување и за истите постои соодветно партерно уредување и требаше само да се постават уште во пролетта 2018 година. Тоа значи дека ако овие справи беа поставени досега граѓаните на Скопје и туристите ќе можеа да ги користат овие содржини. Зошто господине Шилегов им ускративте на граѓаните да имаат Луна парк уште пред две години, дали е поради тоа што беше од претходната власт? Тоа не е добро за Градот Скопје. Да биде иронијата поголема, СДСМ и господин Шилегов, кои фрлаа дрва и камења за ваквите проекти и истите ги нарекуваа непотребно и лудо трошење на народните пари, сега од позиција на власт тие нудат Луна парк, што е поскап за 12 милиони евра, а да биде уште почудно господинот Шилегов во тој Луна парк ќе смести и панорамското тркало кое во кампањата секогаш го посочуваа како непотребно и екстремно скапа содржина во Градот Скопје, вели Трајановски.
Тој додаде дека сега граѓаните со право се прашуваат зошто наместо 12 милиони евра поскапиот Луна парк, Шилегов не изгради водоводна мрежа во Ченто, Стајковци, Сингелиќ, Инџиково, Хиподром за што има и готов проект. Водоводот во сите овие населби, со околу 30.000 жители, според бившиот градоначалник, чини околу од 3,5 милиони евра.
-Со овие 12 милиони евра поскап Луна парк можевте да ги изградите ветените средни училишта „Кочо Рацин“ во Ѓорче Петров и „Кузман Јосифовски Питу“ во Општина Аеродром и да ви останат пари за реновирање на многу други средни училишта. За потсетување булеварите „Илинденска“, „Теодосиј Гологанов“ и булеварот „3-та македонска бригада“, сите заедно коштаат околу 12 милиони евра. Ова е лицемерие на дело. Едно зборуваат пред избори, друго прават откако ќе дојдат на власт. Граѓаните гледаат и граѓаните ќе ве казнат за хипокризијата, неработењето и недомаќинлукот на следните избори на 12-ти април, изјави Трајановски.