Првиот човек на МАНУ, Љупчо Коцарев, ретерира од претходните тврдења кои ја кренаа јавноста на нозе, за можно укинување на катедрите за Македонски јазик и книжевност.
Со помирувачки тон, тој во изјава за Канал 5 дообјаснува дека сите досегашни изјави биле негови лични ставови и се радува, како што рече, дека тврдењата за укинување на катедрите се покажале како неточни.
-Се радувам што на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за Македонски јазик и книжевност. Посакувам во идните реорганизации на Факултетот рамо до рамо со различните отсеци секогаш да бидат вклучени и отсеците за Македонски јазик и јужнословенски јазици и за Македонска книжевност, како и јужнословенската. Сите досегашни изјави и текстови поврзани со ова се мои лични изјави, со една единствена цел заедно и достоинствено да ја прославиме годината на Блаже Конески, изјави за Канал 5, академик Коцарев.
А освен за викендот, реакциите за бомбастичните изјави на претседателот на МАНУ продолжија и денеска. Професорите од Катедрата при Филолошкиот факултет преку отворено писмо ги отфрлија како целосни невистини. Раководителката на Катедрата по македонски јазик, Искра Пановска-Димкова, за Канал 5 вели дека нема таква опасност, а доколку некој се осмели да посегне по интегритетот на Катедрата и по јазикот, тие ќе ги бранат со сите сили.
– Нас тоа ни дојде како шок. Ако вие немате никакви сознанија за укинување на катедрите за македонски јазик и македонска книжевност, во исто време кога Филолошкиот факултет заедно со МАНУ го подготвува заедничкиот собир за чествување на Блаже Конески и одеднаш да видите по медиуми вакви изјави, тоа дојде доста изненадувачки. И затоа јас го оквалификував не само како чисти невистини туку и како манипулација, изјави проф. Пановска-Димкова за Канал 5.
Професорот Људмил Спасов, кој е и претседател на владиниот Совет за македонски јазик, уверува дека укинување на Катедрите не е можно и станува збор за недоразбирање. Сепак, Спасов признава дека се помалку студенти се запишуваат за изучување на македонскиот јазик.
– Не е можно укинување, затоа што тие Катедри се основани токму за да го афирмираат македонскиот јазик, кнуижевност и култура. Се работи за едно недоразбирање. Точно е дека се помалку и помалку студенти се запишуваат. Најпрво, се отворија повеќе Катедри за македонски јазик и книжевност низ нашата држава, се разлеаја студентите. Но, со четиригодишното подновување на програмите ќе значи и поголемо отворање на Катедрите, вели проф. Спасов.
Потврда за уверувањата на професор Спасов стигна и од премиерот Заев. Тој вели дека никому не му паѓа на памет да се укине катедрата за македонски јазик и нема вистина во, како што рече, лажните информации на претседателот на МАНУ.