Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ ѓубрето од контејнерите низ Скопје ќе го собираат до 16 часот. Претпријатието нема дозвола од Министерството за информатичко општество и администрација да работи за време на полицискиот час, кога улиците се празни и многу поефикасно ќе ја завршат работата.
Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани вели дека сега работат со лимитирано време, што им создава одредени потешкотии бидејќи е потребно повеќе време да се собере и депонира отпадот со едно возило, па пак да се врати на друга локација. Во Скопје има 6.000 контејнери од кои секојдневно се собира ѓубрето.
-Ќе работиме колку што е дозволено. Препораките беа да не работиме за време на полицискиот час и со тоа сега работиме со лимитирано време. Сега е многу потешко да организираме цела механизација да излезе од база и да се врати до 16 часот. Поради лимитираното време, одлучивме ѓубрето од индивидуалните домаќинства наместо два пати да се подигнува еднаш неделно, рече директорот на „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани.