Екипи на Градскиот инспекторат со поддршка на Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје и изминатиот викенд спроведоа акции за контрола на јавните површини во однос на непрописното фрлање отпад.
За време на овие акции, како што соопштија градските власти, во контејнер за комунален отпад поставен во близина на СЦ „Борис Трајковски“, пронајден е несоодветно фрлен медицински отпад (шприцови).
Инспекциските служби во наредниот период ќе работат на пронаоѓање на лабораторијата која несоодветно го одложила медицинскиот отпад, по што ќе бидат санкционирани, се вели во соопштението од Град Скопје.
Во текот на вчерашниот ден биле контактирани и специјалните служби на ЈП „Дрисла“ кои со специјална опрема го презеле медицинскиот отпад и го транспортирале до депонијата, каде ќе биде соодветно третиран.
Град Скопје апелира до граѓаните да ја чуваат животната средина и јавните површини од загадување, а отпадот од домаќинствата да го одлагаат исклучиво во контејнерите наменети за комунален смет. Град Скопје апелира до сите компании кои работат со медицински отпад, да се придржуваат до законските прописи и постапки за одлагање и третирање на овој отпад.
ЈП „Комунална хигиена“ воведе новитети кај услугата за собирање и транспорт на кабастиот отпад од домовите на граѓаните. Жителите на Град Скопје кои имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да ја нарачаат услугата за подигнување и транспорт на отпадот со специјалните возила на ЈП „Комунална хигиена“. Со воведените измени на услугата, граѓаните ќе имаат можност да ја одберат опцијата нивниот кабаст отпад да биде преземен директно од внатрешноста на домот, без разлика дали станува збор за индивидуални или за колективни домаќинства. Услугата за собирање кабаст отпад од домовите на граѓаните се наплатува во согласност со ценовникот на ЈП „Комунална хигиена“.