Државната комисија за спречување на корупцијата на денешната 45-та седница го усвои годишниот план за проверка на имотната состојба и интереси за следната година, а меѓу првите ќе се чешла сопственоста на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Според донесениот план, истиот ќе се реализира во три квартали, а во првото тромесечие ќе се проверува имотот на 15 градоначалници, меѓу кои е и името на Шилегов. Во вториот и третиот квартал ќе следува проверката на имотната состојба на судиите, односно на државните функционери.
– Во првиот квартал, во пресрет на локалните избори ќе бидат опфатени 15 градоначалници и градоначалникот на Град Скопје. Не можеме сите да ги опфатиме, па ќе направиме некоја селекција во зависност од средствата со кои располагале, најави Билјана Ивановска, претседателката на ДКСК.
Првиот човек на „Антикорупциска“ појасни дека ќе бидат изработени објективни критериуми, во кои ќе бидат опфатени сите судии, градоначалници и функционери за кои граѓаните имаат поднесено претставка, по што ќе се направи селекција и ќе бидат објавени нивните имиња.
Во вториот квартал ќе бидат опфатени двајца претседатели на судови кои не биле проверени до сега, а во третот квартал ќе има имиња и на владини функционери во планот.