Скопје 10. октомври 2018. / 10:55

Град Скопје ќе субвенционира електрични тротинети

Град Скопје ќе субвенционира електрични тротинети

Советот на Град Скопје на денешната 19-та седница ќе расправа за поголем број на одлуки и програми за работата на Градот Скопје.

На денешната седница Советот ќе одлучува за Одлуката за определување на максимален износ за доделување на поединечна субвенција на граѓани за купување на електрични тротинети за 2018 година. Со оваа одлука е предвидено да се пренаменат дел од неискористените средства од субвенциите за велосипеди, во делот за велосипеди за лица со посебни потреби, каде заинтересираноста беше послаба и дел од средствата предвидени за таа намена останаа неискористени.

Со предложената одлука, Советот на Град Скопје го определува максималниот износ за доделување на поединечна субвенција на граѓани за набавка на електрични тротинети за 2018 година во износ од 50% од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Дополнително, на денешната седница советниците ќе одлучуваат и за одлуката за одобрување на набавкa на патнички моторни возила, со што е предвидена набавка на шест еколошки-хибридни возила и едно транспортно возило за повеќе патници за потребите на градската администрација.

Советот на Град Скопје на денешната седница ќе расправа и за давање согласност за промената на Статутот на jавната установа Универзална Сала- Скопје, со која оваа институција го враќа стариот назив во Универзална сала.