Гужва пред Универзална сала, се бараше паркинг повеќе, ечеа песните на Балашевиќ. Чиниш само што не започнал еден од неговите многуборјни концерт. Ваква беше вечерва сликата пред Универзална сала.
Скопјани не го заборавија популарниот Џоле во градот во кој беше чест гостин. На платото пред Универзалната сала се собраа неколку стотици граѓани за му оддаваат почит на пејачот и кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ, кој почина вчера во Нови Сад на 67-годишна возраст.
На настанот насловен „Скопје за Балашевиќ“ на голем видео бим се редаа фотографии на Балашевиќ, додека во исто време во позадина се слушаа неговите најголеми хитови.
Присутните обожаватели на „панонскиот морнар“ од сите генерации оставаа цвеќе, играчки и палеа свеќи, споделувајќи спомени за Балашевиќ.