Скопје 13. јануари 2021. / 12:43

(ФОТО) Надоместокот за трето дете предизвика гужва пред Основниот Суд

(ФОТО) Надоместокот за трето дете предизвика гужва пред Основниот Суд

Без никаков ред, на влезот на Основниот суд Скопје 2 претпладнево има премногу граѓани кои не ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот – држење дистанца, носење лична заштита и дезинфекција пред влезот во судската установа, објави Слободен печат.

Од Судот во изјава за „Слободен печат“ велат дека гужвите се поради прибавување документи за надоместок за трето дете.

-Кај нас во моментов, меѓу останатото, доаѓаат странки поради прибавување документи за надоместок за трето дете. Во таа постапка се издава и судски документ дека не е одземено родителското право на одредено лице оттаму се создава целиот метеж. Во објектот на судот се запазени сите протоколи и заштитни мерки, на влезот се мери и температура и има поставено дезинфициенси, но и покрај сите мерки кои ги преземаме за да нема групирање и пред објектот на судот дел од граѓаните истите не ги почитуваат. Поставивме и метални обрачи за да се канализираат сите странки со растојание, протоколите се огласени на секој чекор, а судската полиција и службениците од судот, како внатре, така и надвор апелираат да се почитуваат мерките, но тука запираат нашите надлежности и понатаму се останува на совеста на граѓаните, велат од Судот.