Скопје 26. април 2018. / 16:09

(ФОТО) Бејли, Гарет и Пломп го чистеа кејот на Вардар заедно со Османи

(ФОТО) Бејли, Гарет и Пломп го чистеа кејот на Вардар заедно со Османи

Амбасадорите на САД, Велика Британија и Холандија во земјава, Џес Бејли, Чарлс Гарет и Ваутер Пломп, заедно со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска собираа отпадоци на кејот од реката Вардар. Тие самоиницијативно се приклучија на акцијата „Исчисти, твитни“ за чистење на патеките и кејот од двете страни на Вардар.

„Ги споивме убавото и корисното и уште еднаш се обидовме да го дадеме својот придонес за намалување на загадувањето, што претставува голем проблем за луѓето и природата. Единствен ефикасен начин за надминување на проблемот е повеќе работа, посветеност и соработка меѓу јавниот сектор, компаниите и граѓаните“, рече Пломп и додаде дека се надева оти од следната година нема да има потреба да чистат на оваа локација, бидејќи граѓаните ќе бидат свесни и нема да фрлаат ѓубре.

Вицепремиерот Османи ја пофали иницијативата на својот Фејсбук профил и напиша дека ја гледа повеќе како поттик за повеќе вакви акции и активности со кои „ќе влијаеме на нашата свест дека нашата средина, нашата околина е наша обврска“.
„Човек ќе се подготвува за матура, за роденден, свадба, па ќе се потшиша, ќе се дотера, ќе подзачисти, за тоа како да имаме вградено личен срам, ама како да ни недостасува малку одговорност и срам кога се движиме во валкана средина, како таа да не е наша обврска, како да не е наша одговорност.
Ние сме на добар пат да влеземе во ЕУ, и крајно време е да почнеме малку повеќе да се грижиме за чистотата на нашата средина“, напиша Османи.