Старата година ќе ја испрати под небото, а новата со надеж дека суровата судбина што го прогонува ќе се промени.
Ова е животот на 47-годишниот Камбер Бајрамов. Во 2019-та посака да има топол дом, позитивни луѓе околу него – но и поголем слух од институциите.
Мојата желба е да им посакам на сите здравје, среќа и мир, а државата да им посвети внимание на сиромашните кои се многу загрозени. Навистина нема луѓе каде да спијат, нека ги обезбедат.
Во пресрет на празниците, градоначалникот Шилегов на двесте бездомници им подели новогодишни пакети со најнеопходните работи за егзистенција. Вели дека ваквите гестови иако мали за овие загрозени лица се од огромно значење бидејќи многу често се заборава на основните човечки вредности.
Она што јас знам дека го правам како градоначалник со цел да ја помогнеме оваа група во рамки на комуналните претпријатија, започнавме во текот на оваа година да ангажираме од овие лица со цел да придонесеме како луѓе, како институции да го нормализираме животот на овие луѓе, вели Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.
Изгубената доверба во системот овие лица ги носи во пунктот во Момин поток. Тука можат да се нахранат, истушираат, снабдат со облека и лекови. Лицата од Црвен крст за празниците ќе бидат достапни за нив 24 часа.
„За новогодишните празници пунктот ќе работи 24 часа, веќе и во изминатите 15 дена го отворивме, сите оние кои што ќе наидат на бездомно лице и имаат потреба од наша услуга, да јават до Црвениот крст на Град Скопје, има дежурни патролни служби, изјави Сузана Тунева Пауновска.
Пунктот функционира веќе десет години. Целта е бездомниците да се реинтегрираат во општеството и да не зависат од социјалните сервиси.