Скопје 07. јуни 2018. / 10:58

Центар урива во Урбан парк – полицијата ги иселува дивовселените жители (ФОТО)

Центар урива во Урбан парк – полицијата ги иселува дивовселените жители (ФОТО)

Општина Центар утрово почна со иселување на дивовселените жители во напуштените објекти во Урбан парк на Јужен булевар. Со асистенција од полицијата се прави подготовка за уривање на објектите на чие место е предвидено проширување на паркот и целосно уредување на просторот пишува порталот  Макфакс.

„Речиси еден месец сме во преговори со дивовселените семејства во Урбан парк за да ги напуштат објектите. Имајќи го предвид социјалниот момент, во соработка со Министерството за труд и социјала, им предложивме сместување во прифатните центри, но не прифаќаа.

Неколкумина нè послушаа, се спакуваа и си заминаа, но повеќе не можеме да ги толерираме овие што останаа. Планот е теренот да се расчисти за да може да почне уредувањето. И овој запуштен дел ќе биде парк. Со уредувањето ќе биде опфатен и делот во близина на објектите во паркот што се користи како див паркинг. Таму паркирање нема да има“, изјави Саша Богадановиќ, градоначалник на општина Центар, за „Макфакс“.

Во Урбан парк има 30-ина жители. На нивното однесување се жалеа станарите од околните згради кои речиси цела зима пријавуваа палење пластика и чад од кој не можат да отворат прозорци.