Скопје 02. јули 2018. / 14:50

Блокирана фирма на Пеце Наумовски, бара станарите да платат 1,7 милиони евра за заедничките скали

Блокирана фирма на Пеце Наумовски, бара станарите да платат 1,7 милиони евра за заедничките скали

Неодамна на станарите во зградата на улицата „Салвадоре Аљенде” бр. 71 во Скопје им беше понудено да си ги откупат влезовите, скалите и другите заеднички простории од зградата заедно со пристапните патеки и земјиштето под зградата за 1,7 милиони евра. Стои во Официјален судски документ доставен до станарите на оваа зграда.

Стечајниот управник Живко Калков неодамна ги собра станарите од зградата број 71 на улицата „Салвадоре Аљенде“ и им даде понуда за „првенство на купување недвижен имот по проценета вредност“. Калков е стечаен управник на ЦДМ Комин ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, фирма на Петар Наумовски, познатиот кошаркар, инвеститор на зградата.

При стечајот на ЦДМ Комин во стечајната маса влегле и заедничките простории, кои се воделе како заедничка сопственост со сопствениците на становите во колективната зграда на КП 2427/1. И поради тоа што не бил утврден идеален дел на кого колку му припаѓа, и покрај правото на користење на земјиштето околу и под зградата, била направена процена на тој имот влезен во стечајната маса. Во известувањето до станарите се вели дека, доколку истите не ја платат бараната сума, заедничките простории ќе одат на лицитација.

А што може да прави евентуалниот (луд) купувач на скалите и влезовите? Да стави рампа пред секој стан и да наплаќа користење на негов имот за да си ја врати инвестицијата? Збунето прашуваат станарите на „Салвадор Аљенде“ 71.