Скопје 02. февруари 2019. / 16:42

Антисемитизам во Скопје: Се продаваат магнети со Хитлер и знаме на Албанија

Антисемитизам во Скопје: Се продаваат магнети со Хитлер и знаме на Албанија

Веднаш на влезот во Старата скопска чаршија ќе налетате на голем број тезги на кои се изложени сувенири, меѓутоа меѓу нив се магнети со ликовите на Мајка Тереза, Тито, Сталин, Александар Македонски, но она што најмногу запрепастува е фактот дека најбарани се магнетите со ликот на Хитлер.

Продавачите на овие магнети, не сакаа да говорат пред камера. Речиси и да не се свесни за последиците. Рамката во која се сместени сите магнети загрижува и открива во која мера човештвото има куса меморија и недостиг на познавање на историските факти, реагираат минувачите.

Она што е чудно е дека ликот на Хитлер и Мајка Тереза се еден до друг. Мајка Тереза добитничка на Нобеловата награда за мир и до неа човекот кој уби милиони луѓе. Чудна комбинација е дека тие се еден до друг, вели еден странски турист.

Во Европа има тенденција на будење на неонацизмот посебно во време на мигрантската криза, но кај нас во даденава ситуација се работи за манипулација со незнаење, имитација на погубни движења во светот и пропусти во образовниот систем посебно кај младите генерации, смета професорот Миновски.

Очигледно повторно треба да се прикажуваат тие слики од концентрационите логори, документарни филмови, да се гледа овој Музеј на холокаустот да се запознаат младите што се случува, а и политичарите. Бидејќи почнува повторно ера на студена војна, нуклеарно наоружување, трка која што сигурно нема да заврши убаво, вели социологот д-р Константин Миновски.

Во неколку наврати Меморијалниот музеј на Холокаустот реагирал до продавачите дека се глорифицира деструктивна идеологија во светски рамки, во која загинаа над 50 милиони луѓе, меѓу кои 6 милиони Евреи. Бидејќи обидите биле залудни и продажбата на магнети со ликот на Хитлер продолжува Еврејската заедница во Македонија минатата година поднесе иницијатива до Министерството за правда.

Да се смени кривичниот закон со кој што ќе биде санкционирано глорифицирањето на национал- социјализмот употребата на неговите симболи во кои ќе биде пенализирано и негирањето на Холокаустот и ширењето на антисемитизмот. Она со кое што ние сме запознаени е дека тоа е одобрено од работната група во Министерството за правда и дека промените се веќе во владина процедура, вели директорот на Меморијалниот музеј на Холокаустот Горан Садикарио.

Самиот мост кој ги поврзува стариот и новиот дел на градот има своја симболика, црквата Св. Димитрија и двете џамии, поранешното Еврејско маало е место кое го прави Скопје мал Ерусалим и токму затоа ваквите појави со продажба на магнети со нацистички симболи се алармантни во време во кое човештвото, посебно младите генерации речиси и забораваат на сите страданија кои ги предизвика нацизмот во светски рамки.