Теодора Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ го обвини градоначалникот на општина Карпош дека не го исполнил ветувањето од предизборниот период, за изградба на голем парк, од потегот на Скејт паркот до бунарите за вода во Карпош 4.
„Богоев ветуваше цитирам: „Големиот парк ќе се простира од потегот на Скејт паркот до бунарите за вода, по должина на реката Вардар паралелно со Карпош 4, Карпош 3, Злокуќани, Влае 1 и останатите населби. Паркот треба да биде поврзан и со пешачки премин кој ќе оди над улицата „Илинденска“ како и со мостот „Газела“, со другата страна на Вардар, односно делот од Карпош кај Злокуќани“. Наместо парк гледаме купишта ѓубре. Ова место е еколошка бомба и најдобар доказ за негрижата на Богоев. Дополнително е потенцијално место и извор на разни зарази и болести“ порача Андоновска.
Андоновска посочи дека и по 6 месеци како градоначалник на Карпош, Богоев ги лаже жителите на оваа општина и како што рече, освен празни ветувања ништо друго нема од градоначалникот Богоев.
„Ниту парк видовме, ниту ветениот мост е во најава, а ниту пак се забележани било какви градежни активности.Вака ли треба да изгледа една урбана скопска општина. Го прашуваме Богоев зошто ветуваше проекти на жителите на Карпош кога не може да исполни ниту едно од нив! Вака ли Богоев го замислува разеленувањето на Карпош!“ додаде Андоновска.
Таа му порача на Богоев, наместо, како што рече, да се занимава со политиканство и добивање на ситни политички поени, како и со бркање на луѓето од работа, да почне да ги реализира своите ветувања дадени во предизборниот период.