Скопје 22. декември 2019. / 19:30

Втора рунда расправа за ДУП-от во Трнодол во првата половина на 2020 година

Втора рунда расправа за ДУП-от во Трнодол во првата половина на 2020 година

Општина Карпош во првата половина на 2020 година повторно го става на јавна презентација и јавна анкета предлог ДУП-от Блок 7, за потегот околу Трнодол и дел од Козле. Првата презентација не се одржа инцидент откако жителите на овие две населби се спротиставија на, како што велат, „насилното носење на ДУП-от, па и по цена да падне крв“.

Од општината негираат дека ДУП-от за Трнодол и дел од Козле, ќе биде донесен на следната седница на Советот велејќи дека обвиненијата кои кружат во јавноста се неосновани и апсолутно неточни.

– Целиот процес ќе продолжи да се одвива отворено како и до сега, а на барање на жителите, јавната презентација ќе се одржи во подобри просторни услови. На тој начин, се надеваме дека ќе ги мотивираме нашите сограѓани да дојдат и да се информираат за новиот Предлог – ДУП, додаваат од општината.

Предлог – ДУП не предвидува никакви нови населби или уништување на зеленилото, се наведува во соопштението и се додава дека целосно е заштитен зелениот појас и истиот ќе добие намена Д2 односно заштитно зеленило.

-Намалена е катноста на објектите, а спорната Јужна обиколница со новиот ГУП ќе биде целосно избришана. Во овој ДУП истата се предвидува единствено од технички аспект, заради законски нужното усогласување со посточекиот ГУП, нагласува општината.

Со новиот Предлог – ДУП, се вели во соопштението, се воведуваат и дополнителни мерки за максимална безбедност на теренот.

-Имено, Предлог ДУП-от предвидува задолжителни геомеханички испитувања на теренот, заштита на земјиштето со потпорни ѕидови и шипови пред почеток на било каква градба. Само за илустрација, веќе постоечкиот ДУП кој сега е на важност, воопшто не ги содржи овие дополнителни мерки кои би се однесувале за објектите под Трнодол (позади „Макпетрол“), нагласува општината.

Апелира до граѓаните да бидат спокојни во однос на безбедноста и ефектите кои може да ги има градењето врз истата.

-Завршено е времето кога ДУП-овите се носеа на сила, далеку од очите на јавноста! И покрај големиот број на лажни информации и напади, ќе продолжиме транспарентно да го водиме овој процес и ќе ги искористиме сите легитимни средства, за да им овозможиме на нашите сограѓани подобар увид во Предлог – ДУП-от, се вели во соопштението.

Новата Јавна анкета ќе трае и по завршување на работното време на граѓаните, за да се овозможи поголема видливост на ДУП-от и да ги процесираме нивните забелешки преку анкетните листови. Во меѓувреме, на веб страната е достапен графички и текстуален дел од овој ДУП,.

Насилството и агресијата не смеат да бидат одлики на една од најразвиените општини во нашата држава, Општина Карпош. Затоа ќе продолжиме процесот да го водиме низ призма на транспарентност, дијалог и соработка со сите вклучени чинители, се нагласува во соопштението.