Во последните три години излегоа три нови филмови од филмската франшиза „Star Wars“, додека четвртиот е веќе на пат. Иако последниот филм од серијалот, „The Last Jedi“ предизвика мешани реакции кај публиката, режисерот Рајан Џонсон смета дека знае што му треба на „Star Wars“ за да остане релевантен.
Враќањето на серијалот „Star Wars“ во голема мера беше прифатен како позитивно движење во филмскиот свет, а трите филмови кои излегоа во последните три години заработија неколку милијарди долари на светскиот боксофис.
Зборувајќи на панел на SXSW, режисерот на последниот филм од серијалот, Рајан Џонсон, напомена дека ја знае тајната за успех на „Star Wars“. Според него, одговорот е многу очигледен.
„Кога луѓето ќе ме прашаат ‘Нели мислиш дека филмовите од франшизата ќе станат досадни?’ секогаш тоа прашање ме тера да мислам дека овие луѓе на филмовите гледаат како на изложба во музеј која се појавува еднаш годишно, па тие одат да се потсетат како изгледале работите кои им се допаѓаат. И да, ако ги гледате ‘Star Wars’ филмовите така, тогаш сигурно ќе ви станат досадни. Но ако филмовите се возбудливи и носат нови идеи, тогаш ќе можете да се поврзете со случувањата во нив многу полесно, па така нема да ви бидат досадни“, рече Џонсон.
Рајан Џонсон веќе работи на посебна сага која ќе биде дел од новите „Star Wars“ филмови, и во неа ќе бидат застапени целосно нови ликови, неповрзани со семејството Скајвокер.
Досегашниот рецепт за успех на овие филмови беше поврзаноста на серијалот со ова семејство, но сега Џонсон си постави предизвик пред себе да направи неколку филмови кои нема да бидат поврзани со истата, стара приказна.