Досега светот знаеше за тројца успешни и познати, селебрити, Албанци и Косовци. И тоа не целиот свет, туку чат-пат по некој, ако случајно налетал на податокот за нивното потекло. Холивуд и Америка можеа да спомнат дека во своите редови ги имат браќата Белуши или раперот Акшн Бронсон, и тоа под услов воопшто да знаат за тој податок, зашто никој од наведените никогаш посебно не ги истакнувал албанските корени.
Но, во последните неколку години, поп сцената почнаа полека да ја освојуваат некои нови имиња, а овие девојки, за разлика од тројцава мажи, со задоволство го потсетуваат светот на тоа од каде доаѓаат. Секако, станува збор за младите пејачки Рита Ора, Дуа Липа и Ера Истрефи, млади Косовки, кои во последните неколку години направија вистински бум на сцената, поприлично голем ако се земе предвид од колкава држава доаѓаат
Оттука, се наметнува прашањето од каде овој интерес на американската музичка индустрија за пејачки од Косово и постои ли некоја тајна, зашто во денешно време иако постои такво верување, за сериозна кариера не е доволно само да се покажат гради. Изгледот дефинитивно им помага, но ако се обидувате да се прибиете на сцена на која сите гради изгледаат горе-долу фантастично, нема да ви бидат од корист класичните балкански методи на промоција кои во најдобар случај ќе ви осигураат неколку наслови на порталите и полупразни селски клубови.
Еден дел од одговорот лежи во културата проткаена со музика, егзотичната убавина, но и во недискутабилниот талент и начинот на кој функционира самата индустрија, зашто кога зборуваме за младите девојки од Косово, не смееме да заборавиме дека барем во почетокот на пробивот, зборуваме за потрага по нова Ријана.