Сцена 25. април 2018. / 14:24

Тајните суеверија и ритуали на славните

Тајните суеверија и ритуали на славните

Бијонсе е една од најголемите музички ѕвезди и многу богата личност, но под целиот раскош и слава, таа е обичен човек исто како нас. Како и голем број луѓе, и славните личности имаат некои суеверија до кои се придржуваат.

Во книгата „Рецептот за среќа: Суеверијата, ритуалите и практиките на необичните луѓе“, илустраторката Хелен Вајнстин ги претстави најскриените суеверија на славните и богатите луѓе, илустрирајќи ги со интересни слики кои би требало да ја доближат елитата до обичниот човек.

Кога веќе ја спомнавме Бијонсе во воведот, најпрво ќе го споделиме нејзиното суеверие. Впрочем, тоа е повеќе ритуал кој таа секогаш го изведува пред настап. За да ги смири нервите, Бијонсе секогаш се истегнува, кажува молитва и потоа поминува еден час насамо пред да излезе на сцената.

И покрај тоа, таа не е најчудниот случај од сите наведени во книгата. Ликовните уметници се особено чудни, а тоа го докажуваат Салвадор Дали и Пабло Пикасо. Салвадор Дали секогаш со себе носел парче дрво кое го нашол на плажа, за кое верувал дека му помагало во одбивањето на злите духови. Неговиот сонародник Пабло Пикасо секогаш ги чувал неговите лични работи – од парчиња облека до парчиња коса кои ги зачувувал по шишање. Тоа го правел за да ја задржи неговата автентичност.

„Може да се биде успешен и да се одржат ритуалите кои ве прават среќен. Овие суеверија покажуваат дека секоја индивидуа има свој рецепт за успех“, вели илустраторката Вајнстин.

Актерката Одри Хепберн била фасцинирана од бројот 55, па секогаш барала нејзината гардероба да биде обележана со овој број, а за потребите на снимањето на неколку филмови таа дури инсистирала да спие во апартмани со бројот 55. Канадскиот музичар Леонард Коен секогаш пред да излезе да настапува го собирал целиот бенд и им пеел песни на латински за да ги мотивира.

Еден од најновите примери е оној на актерката Лупита Нјонго, која неодамна откри дека многу често плете во својата гардероба, за да се опушти пред да почне со снимање на некоја сцена.

Дури и славните личности имаат право на суеверија и ритуали, а честопати тоа знае да нѐ мотивира да ги прифатиме нашите суеверија, бидејќи познатите личности ни даваат до знаење дека и покрај сѐ, тие се само обични луѓе.