Сцена 15. април 2018. / 12:30

Спој на македонска и холандска техно-музика на 4. „Ред саунд дистрикт“ во МКЦ

Спој на македонска и холандска техно-музика на 4. „Ред саунд дистрикт“ во МКЦ

Уникатната музичка комбинација на македонски и холански диџеи, во една вечер, на едно место, но на два подиума, по четврти пат ќе се случува во Скопје. Оваа година „Ред саунд дистрикт“ (Red Sound District) ќе се одржи на 21 април во Младинскиот културен центар, а посетителите ќе имаат можност да слушнат едни од најинтересните холандски диџеи во комбинација со неколку македонски.

За првпат во Скопје доаѓаат „Абстракт дивижн“ (Abstract Division), кои ќе понудат енергично и интелегентно техно. Нивната музика ги полни фестивалите и клубовите ширум Европа. Дополнително, ќе настапуваат Еш (Esh) и Флоринс Жанвие (Florinsz Janvier) од Амстердам. Од домашните изведувачи, пак, ќе се претстават Марко Николовски алијас „Ми ен ју“ (ME.N.U.), Видиновски, Мирко Попов и Симоновски.

Картите се пуштени во претпродажба по цена од 250 денари, а на врата на самата вечер ќе бидат 300 денари. Организаторите најавуваат дека забавата ќе трае до раните утрински часови.