Актерот Тод Лосон ЛаТурет, призна дека сам си ја отсекол раката и дека лажел дека е воен ветеран со цел да оствари напредок во кариерата.
Актерот кој е познат по улогите во сериите “Better Caul Saul” и “Longmire”во интервју за „KOB-4 TV”, откри дека боледува од биполарно нарушување и дека во тоа време не пиел лекови. Во текот на еден психотичен напад пред 17 години, тој си ја отсекол дланката и подлактицата со циркулар, а потоа ја запалил раната.
– Не сакам да го користам зборот “лудило” бидејќи ние сме ментално болни. Ние сме вашите браќа, вашите мајки, вашите сестри. Ние боледуваме – изјавил Лосон низ солзи.
Тод подоцна сам изработил протеза за раката, а исто така почнал и да лаже за природата на својата повреда и им кажувал на луѓето дека го изгубил екстремитетот во војна.
– Тоа функционираше, почнав да добивам улоги. Се чини дека филмската индустрија на тоа гледаше од посебен агол, им се допаѓаше. Веруваа дека сум она што тврдам дека сум и врз основа на таквата лага добивав улоги – признал актерот.
Со текот на времето започнал да го мачи фактот што ја изградил својата актерска кариера на лага, па одлучил да признае се’.
– Беше тешко да се живее со тоа сите овие години. Беше нечесно. Знам дека ова признание ќе ми ја уништи кариерата. Ако мислите дека ова го правам од некаква корист, се лажете. Со ова самиот се исфрлам од филмската индустрија – признал ЛаТурет.
Тој сепак се надева дека неговата приказна ќе послужи како предупредување за сите оние кои страдаат од биполарност.