Сцена 09. октомври 2017. / 13:47

Почина Хју Хефнер, основачот на Плејбој

Почина Хју Хефнер, основачот на Плејбој

Основачот на познатиот магазин Плејбој, Хју Хефнер, починал синоќа во својот дом, пренесоа сите светски медиуми и агенции.

Како што објави неговата компанија Плејбој ентерпрајзис, Хефнер издивнал „мирно и во топлината на својот дом“, на возраст од 91 година. Се наведува и дека тој починал од природна смрт.

Хефнер помогна во пропагирањето и јакнењето на сексуалната револуција од 1960-тите со магазинот Плејбој, со кој изгради бизнис-империја.

Хефнер почнал да го издава Плејбој во својата кујна дома во 1953 година. Тој стана најпродавано машко списание во светот, со тираж од седум милиони примероци месечно во својот врв.

Неговиот живот беше придружуван од низа контроверзии, како што се познатите Плејбој-журки, по него е направено риалити-шоу, а безброј пати беше критикуван за претерување во својот живот.

Купер Хефнер, неговиот син, рече дека тој „многу ќе им недостига на многумина“.

Тој му оддаде почит на „исклучителниот и влијателен живот на својот татко како медиум и културен пионер“ и го нарече застапник за слободниот говор, граѓанските права и сексуалната слобода.

Хефнеровото пионерско списание помогна голотијата да биде почитувана во мејнстрим-публикациите, и покрај тоа што се појави во време кога американските држави можеа законски да ги забранат контрацептивните средства, вели Би-би-си.

Списанието го направи мултимилионер, а тој ја прошири својата бизнис-империја со казина и ноќни клубови.

Првото издание содржеше низа фотографии од Мерилин Монро што Хефнер ги купил за 200 долари. Тие првично биле направени за календар во 1949 година.

Овој могул во свилени пижами стана познат по неговиот хедонизам, по излегувањето и женењето со моделите на Плејбој. Во подоцнежните години тој правеше декадентни забави во своите луксузни куќи во Чикаго и Лос Анџелес.

Тврдеше дека спиел со повеќе од 1.000 жени, а одржувањето на своето либидо го припишуваше на лекот за импотенција „вијагра“.

Од 2005 до 2010 година, телевизиската емисија „Девојките од вратата до вас“ го прикажуваше развратниот начин на живот на Хефнер – и харемот од млади русокоси со кои го споделуваше.

Во 2012 година, на возраст од 86 години, се ожени со својата трета сопруга Кристал Харис – која беше 60 години помлада од него.

Иако критичарите го гледаа Плејбој како симбол за блуд и разврат, неговиот основач – кој бил роден во строго методистичко семејство – никогаш не сметаше така.

„Никогаш не сум размислувал за Плејбој како за секс-списание“, изјави Хефнер за Си-ен-ен во 2002 година. „Отсекогаш го сфаќав како списание за животот, во кое сексот е една важна состојка“.

Хефнер во 1963 година се соочи со обвиненија за непристојност поради издавањето и дистрибуирањето на Плејбој, но поротата не можеше да донесе пресуда.

Најзначајните интервјуа на списанието се со лидерот на граѓанските права Мартин Лутер Кинг Џуниор, со битлсот Џон Ленон и со кубанскиот револуционер Фидел Кастро.

Неговата огромна продажба, секако, беше мотивирана од блескавите фотографии на голи девојки, но списанието разви и реноме на убаво пишување, а меѓу неговите соработници беа Норман Мејлер, Кингсли Амис, Курт Вонегут, Џејмс Болдвин, Владимир Набоков и Реј Бредбери.

Нивните придонеси им овозможија на мажите да кажат дека не го купуваат списанието само заради сликите.

Во март 1990 година на насловната страница се појави сегашниот американски претседател Доналд Трамп, со пораката: „Фино списание, сакате да го продавате?“