Сцена

Кристина Агилера и Деми Ловато имаат нова женска химна (ВИДЕО)

Кристина Агилера и Деми Ловато имаат нова женска химна (ВИДЕО)

„Девојчиња, слушајте внимателно, бидејќи мене никој не ми кажа, но заслужувате да знаете дека во овој свет не сте само за гледање, никому не ги должите вашите тела и души“, вака Кристина Агилера ја започнува својата нова песна, воедно и втор сингл од претстојниот албум „Liberation“, а за пораката да биде што погласна, ѝ се придружи и помладата колешка Деми Ловато.

Дуетот на пејачките со моќни вокали го носи насловот „Fall In Line“, нагласувајќи дека жените не се родени само да застанат во ред, што дополнително го разјаснува концептот на целиот албум (Ослободување) и временски соодветствува со движењата за рамноправност и против сексуалната злоупотреба на жените.

Токму така гласи и најавата од самата Агилера, која песната им ја посвети на „сите оние кои некогаш се почуствувале замолчени или репресирани“. 25-годишната Ловато, пак, чиј идол е токму 37-годишната дива, додаде дека ѝ е чест што е дел од оваа химна, заедно со „една од најинспиративните личности што некогаш ги сретнала“.

Новиот, осми по ред студиски албум на Кристина Агилера, „Liberation“, ќе стигне на 15 јуни, а материјалот ќе биде поддржан и со истоимената светска турнеја што ќе започне во септември годинава. Засега се закажани само датумите за Северна Америка, а останатите се очекуваат наскоро, па се надеваме дека ќе имаме можност да ја видиме (барем) во регионов, што би било првпат во нејзината досегашна кариера.