Сцена 01. ноември 2018. / 15:47

Келвин Клајн и Томи Хилфигер пиеја македонско вино во Њујорк

Келвин Клајн и Томи Хилфигер пиеја македонско вино во Њујорк

На настанот кој минатата недела се одржа во Њујорк во организација на познатата модна дизајнерка Дона Каран и Фондацијата „Урбан зен”, a на истиот присуствуваа звучни имиња од областа на модата, забавата, политиката, филмската и музичката индустрија се служеа македонски вина. Настанот беше од хуманитарен карактер под името „Stephan Weiss Apple Awards”, а меѓу присутните беа Дона Каран, Келвин Клајн, Томи Хилфигер, Кит Ричардс, Џими Нелсон, Иман, Хелена Кристенсен, Бернадет Питерс, Росана Ското, Кристи Турлингтон… Здружението Вина од Македонија (Wines of Macedonia) беше спонзор на престижниот настан, a учество земаа македонските винарии со своите премиум вина и кои имаа одлична можност да се промовираат пред џет-сет посетителите за време на коктелот и вечерата. Гостите навистина уживаа во префинетиот вкус на нашите најквалитетни и наградувани вина, а повеќе од атмосферата можете да погледнете на фотографиите подолу.

Минатата недела се одржаа и промоциите на Вина од Македонија со поддршка на Министерството за Земјоделство, шумарство и водостопанство, а за чија организација беше ангажирана македонската маркетинг агенција Креатив хаус (Creative House) која има своја канцеларија во Њујорк, и помогна во организација на спонзорството за овој хуманитарен настан.

„На ексклузивните вински настани за презентација на македонското вино учествуваа македонските винарии кои ги претставија своите најдобри производи пред реномирани личности од областа на винската индустрија, а дополнителна значајна улога во овие промоции претставуваше и овој хуманитарен настан. Ова беше одлична можност за нашите винарии да ги промовираат своите производи пред американскиот џет-сет и придонесува во градењето на имиџот на Македонија како винска земја“, изјави Елена Младеновска Јелековиќ, извршен директор на здружението.

„Ги искористивме нашите релации во Њујорк и успеавме да обезбедиме влез на македонските вина на овој престижен настан и ни преставува особено задоволство што бевме дел од ова важно хуманитарно случување во Њујорк“, изјави Мики Павлов, сопственик на маркетинг агенцијата Креатив хаус во Њујорк

Настанот „Stephan Weiss Apple Awards“ се одржува традиционално од 2011 година, а главната цел е да ги признае и истакне хуманитарните дела од доменот во кој работи „Урбан зен“ фондацијата, односно здравството, образованието и културата.