Американскиот рапер Кање Вест, кој музичкиот свет неодамна го критикуваше бидејќи јавно го поддржа американскиот претседател Доналд Трамп, повторно ја налути јавноста, откако во едно интервју изјави дека „ропството е избор“.
„Кога ќе слушнете за ропство кое трае 400 години. 400 години? Тоа ми звучи како избор“, изјави Кање меѓу другото во интервју за порталот „TMZ“.
Со оваа изјава ги разбесна соговорниците и домаќинот, Ван Латан од „TMZ“, кој истакна дека е „разочаран и запрепастен“ од неговиот коментар.
„Бројни луѓе меѓу нас мораат да се носат со такви закани цел живот, мораме да се бориме со маргинализација која е последица на 400 години ропство за кое ти велиш дека било нечиј избор“, реагираше гневно Ван Латан.
Соочен со маса на критики, Кање Вест, подоцна се обиде да се одбрани на социјалните мрежи.
„Секако, знам дека робовите не прифатиле сами да бидат злоставувани и да се качуваат во бродови за Америка. Сакав да кажам дека фактот дека толку долго сме останале во таа позиција, иако сме биле во мнозинство, значи дека сме биле ментално пробиени“, напиша тој.
Милиони јужноафриканци беа донесени во САД како робови кон почетокот на 16 век. Ропството конечно беше укинато дури кон крајот на 19 век, а потоа робовите на секој чекор се соочуваа со дискриминација.
Кање Вест и од порано беше на мета на критики бидејќи стана еден од најистакнатите поддржувачи на Доналд Трамп, кој е обвинет за расизам.
„Едноставно го сакам Трамп, тој е мој тип на човек. Трамп е еден од омилените луѓе меѓу раперите“, изјави тогаш Кање.