Популарниот готвач Џејми Оливер откри дека пред една година бил во опасност од запаѓање во целосен банкрот, но се спасил благодарение на мудрата финансика одлука која ја направи со вложувањето на сопствени пари во „Jamie’s Italian“.
Тој вели дека и понатаму не успева да разбере како неговиот синџир ресторани паднал во такви финансиски проблеми и за малку ќе му предизвикал банкрот. Оттогаш, тој затвори 12 од 37-те ресторани, а притоа отпушти 600 работници кои беа прогласени за вишок, со цел да се спаси синџирот ресторани.
„Парите едноставно исчезнаа, а не го очекувавме тоа. Тоа не е нормално во било кој бизнис. Имавме квартални состаноци и состаноци на одборот. Луѓето претпоставуваа дека персоналот ќе управува со рестораните онака како што треба“, вели Оливер.
Тој вели дека имал само два-три часа да одлучи дали да вложи пари или да ги затвори рестораните. Решил да подигне кредит, но бидејќи ниту тоа не било доволно, морал да вложи дел од сопствените пари заработени преку другите бизниси.
„И понатаму се обидуваме да сфатиме што се случи, но мислам дека високиот менаџмент мораше да се бори со бурата создадена од наемнината, данокот, високите трошоци за храна, Брегзит и покачувањето на минималната плата. Секакви работи се случуваа“, рече популарниот готвач.
Џејми Оливер создаде бизнис кралство откако беше забележан од телевизиска екипа во 1997 година додека готвеше во ресторан во Лондон. Пред неколку месеци тој призна дека 40% од неговите вложени пари биле „фрлени во вода“ и дека успеал да изгуби 100 милиони евра од 2014 година па наваму.