Најновиот документарен филм на со Оскар наградениот режисер Кевин Мекдоналд, повторно, и сосема заслужено, ќе го актуализира животот и успехот на славната пејачка Витни Хјустон, која почина на 11 февруари 2012 година.
Мекдоналд одлучи преку новиот филм на свој начин да ја раскаже приказната за животот и кариерата на славната пејачка, а по прв пат ќе бидат прикажани досега невидени снимки од оваа дива, како и снимки од изведувањето на некои од нејзините најголеми хитови.Благодарение на фондацијата Хјустон, документарецот ќе прикаже и приватни снимки, кои ќе фрлат ново светло на приватниот живот на Витни.Како целото тоа ќе изгледа, може да се види и во трејлерот кој неодамна излезе.
Филмот носи кратко и јасно име – „Витни” и претставува контраст меѓу вистинската поп дива – каква што беше на сцената и надвор од неа, односно се прикажува и како ранлива жена во приватниот живот, која се бори сама со себе.
„Луѓето мислат дека е се така лесно, но не е”, ова е една од нејзините изјави која е вклучена и во документарниот филм, кој премиерно треба да биде прикажан на 6 мај 2018 година.