Регион

Жестоки судири меѓу полицијата и анархистите во Атина

Жестоки судири меѓу полицијата и анархистите во Атина

Припадници на грчката полиција вечерва се судирја со група анархисти во атинската населба Ексархија, каде пред 10 години беше убиен младиот Алексис Григоропулос.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, анархистите кон полицијата фрлија дестина молотови коктели и друга пиротехника, на што полицајците одговорија со солзавец.

Анархистите поставија блокада на улицата од запалени контејнери со смет, со цел да го спречат пристапот на полицијата, а опожарен е и најмалку еден автомобил.

На местото на немирите пристигнаа и полициски водени топови, но засега тие не интервенираа.

Пред вечерашните немири во Ексархија, која важи за собиралиште на анархистите, доцна попладенво мирни протести по повод 10-годишнината од убиството на Григоропулос се одржаа во центарот на Атина.

Претежно млади лица, членови на студентски, левичарски и анархистички организации и здруженија организраа протестен марш кој заврши пред грчкиот Парламент.

Дел од слоганите што ги извикуваа учесниците на протестот беа  против полицијата и полициското насилство.