Една жена го загубила животот откако се oбидела сама да го поправи кровот од својата куќа оштетен од силниот ветер. Несреќата се случила во хрватското гратче Нашице во близина на Осијек.
Локалните медиуми пишуваат дека 63-годишната жена е првата жртва на невремето што ја зафати Хрватска.
– Во подрачјето на нашата општина невремето направи големи проблеми. Oштетени се поголем број стамбени и деловни објекти, како и многу автомобили – изјави Зоран Кон, портпаролот на локалната полиција.
Поради силниот ветер неколку товарни возила се превртиле на патиштата во јужниот дел на земјата. Во местото Грачац, неколку стотици камионџии останале заглавени во своите возила, затоа што поради силниот ветер не можеле да го продолжат патот.
Проблеми имало и при нормалното одвивање на бродскиот сообраќај.
Во многу делови во Хрватска се пријавени штети и прекини во снабдувањето со електрична енергија.