Регион 30. декември 2020. / 18:12

Затворениците од Сисак и Глина ќе бидат преместени во други затвори низ Хрватска

Затворениците од Сисак и Глина ќе бидат преместени во други затвори низ Хрватска

По штетите предизвикани од земјотресот, затвориениците во Сисак и Глина ќе бидат распределени во други затвори, изјави денеска хрватскиот министер за правда и администрација Иван Маленица.

По посетата на Окружниот суд и затворот во Сисак, Маленица изрази сочувство до семејството на загинат судски полицаец и до судскиот полицаец чиј член на семејството загина во вчерашниот земјотрес во Петриња, јави Хина.

-По вчерашниот земјотрес во Сисак ние веднаш реагиравме и ги евакуиравме затворениците од затворот во овој град. Едниот дел од затворениците отидоа во затворот во Загреб, а друг во затворот во Глина. Оние кои беа евакуирани кон Загреб, еден дел беа распоредени во други затвори, пред се, во Бјеловар и Госпиќ , а еден дел остана во Загреб, рече Маленица.

За време на земјотресот во затворот во Сисак имало 60 затвореници, а Маленица посочи дека со брза реакција на судската полиција и управникот тие веднаш биле пуштени во дворот од затворот. Затворениците чекале во дворот се до пристигнување на возилата, што подоцна ги распоредиле низ другите затвори.

Пред пристигнувањето на Маленица, затворот Сисак бил прегледан од експерти за статика кои утврдиле дека зградата е употреблива, но претрпела внатрешна и надворешна штета, па затоа министерот не можеше да процени кога тој повторно ќе биде подготвен за употреба.

Околу 80 затвореници од затворот во Глина во текот на денот ќе бидат префрлени во други затвори во Хрватска. Зградата на Жупансикиот и на Општинскиот суд, исто така, претрпела штета, иако е реновирана пред две години.