Регион 11. мај 2018. / 18:52

Западот со финален притисок: Косово во ОН а Србија во ЕУ?

Западот со финален притисок: Косово во ОН а Србија во ЕУ?

Западните земји – САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија, се состанаа во Вашингтон за да ги разгледуваат разговорите меѓу Белград и Приштина.

Како што наведуваат медиумите, политичките директори за Западен Балкан на петте западни земји се состанаа на консултации околу финалната фаза на дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој би требало да се одржи следниве месеци и да се круниса со финален договор меѓу страните, за кој се очекува дека ќе резултира со нормализација на односите.

Досега се мислеше дека оваа нормализација не подразбира признавање на Косово од страна на Србија туку само признавање на реалноста, односно дозвола за зачленување на Косово во ОН, што би ѝ овозможило на Србија да се зачлени во ЕУ.

Меѓу западните дипломати, наведуваат медиумите, веќе постои усогласеност околу тоа што би можело да се смета за водечки принципи. Еден од тие принципи е дека “подобро е да нема никаков договор отколку да има лош договор“ меѓу страните.

Лош договор би бил поделба на Косово и нешто како Република Српска на Косово, пишуваат медиумите, повикувајќи се на неименувани извори.

Заради оваа цел, освен во Брисел, разговори се одржуваат и во други центри како Берлин, а се наведува и дека германската канцеларка Ангела Меркел веќе двапати го има повикано во својот кабинет српскиот претседател Александар Вучиќ, како и дека во средата се состанала со косовскиот претседател Хашим Тачи.