Поставување бодликава жица и мешани патроли на војската и полицијата се дел од мерките што грчката Влада почна да ги спроведува на границата со Турција, во близина на Еврос, со цел да се справи бранот бегалци и мигранти како и со бројот на нелегални влезови во земјата, објавија грчките медиуми.
Според „Катимерини“, од четвртокот војници од грчката армија заедно со граничната полиција патролираат на грчко-турската граници во рамките на владиниот план за справување со бегалското/мигрантското прашање.
– И војската заедно со професионалните војници, динамично влегоа во патролирањето, заедно со возила и термички камери. Станува збор за големо зајакнување на постоечкиот персонал, изјави за „Катимерини“ извор од локалната полиција.
Весникот пишува дека засилени мерки ќе има и на автопатот од Еврос до Солун за пронаоѓање и апсење на оние кои ќе успеат да ја поминат грчко-турската граница.
Во рамките на планот на Владата за справување со проблемот со бегалците и мигрантите, заменикот министер за национална одбрана на Грција, Алкивиадис Стефанис во петокот и саботата го посети Еврос каде што оствари средби со командирите на локалната полиција, а со возило ја посети и копнената гранична линија меѓу Грција и Турција, паралелно извршувајќи увид на заедничките патроли на полицијата и војската, јави дописничката на МИА од Атина.